Вишиот суд во Белград го осуди Слободан Костовски на 20 години затвор како организатор на криминалната група позната како „Балкански картел“, која била обвинета за меѓународен транспорт на повеќе од два тона кокаин преку Атлантскиот Океан. Пресудата е првостепена и странките имаат право на жалба.
Покрај Костовски, Никола Стојадиновиќ е осуден на 18 години затвор, Небојша Субин на 14 години, а Бојан Копитовиќ на седум години. Судскиот совет ги прогласил за виновни за неовластено производство и трговија со наркотични дроги во рамки на организирана криминална група, која според обвинението дејствувала од март 2022 до август 2024 година.
Предметот се однесува на заплената на околу два тона кокаин со висока чистота, откриен на 24 август 2024 година на едрилица во меѓународните води на Атлантскиот Океан. Со пловилото управувале украински и чешки државјанин, кои, според обвинителството, биле ангажирани од Костовски.
Обвинителството тврдеше дека групата имала развиена мрежа за набавка, прекуокеански транспорт и дистрибуција на кокаин на европскиот пазар. Нејзините членови обезбедувале пловила, воспоставувале контакти со јужноамерикански криминални структури и го организирале преземањето, криењето и понатамошната продажба на дрогата.
По изрекувањето на пресудата, Костовски, Стојадиновиќ и Субин останале во притвор поради опасност од бегство. Костовски и претходно бил баран со меѓународна потерница на Интерпол, откако избегал од затвор во Бразил.
