Кандидатот за градоначалник на Чаир, Изет Меџити, ја започна кампањата со порака дека ова не е само трка за функција, туку „почеток на мисија за ослободување од стариот корумпиран систем на една парија коај, како што рече, ги држел Албанците и граѓаните на општината во „зависност, страв и неизвесност“.
„Нашата визија е јасна. Чаир да стане модерна, функционална и европска општина, место каде секој граѓанин ќе живее достоинствено. Затоа нашата програма не е список на желби, туку конкретен и остварлив план … Ќе работиме транспарентно, одговорно и во постојана комуникација. Ова е наша заедничка битка за Чаир, како што сите го сонуваме. Ве повикувам да застанеме заедно и да покажеме дека времето на поделби и лаги заврши. Времето е за работа, ред и развој. Време е за Чаир“, изјави Меџити на прес-конференцијата.
Тој најави решавање на сообраќајниот хаос, изградба на нови паркинг-простори и чистење на дивите депонии, како и отворање нови градинки и воведување едносменска и целодневна настава во сите училишта. Според него, културниот живот на општината ќе се врати преку фестивали, жива Чаршија и отворено културно Скопско Кале. „Сега е време за Чаир како студентски, образован и културен центар за Албанците“, порача кандидатот.
Меџити објави дека „се враќа во Чаир, меѓу луѓето на кои им припаѓа, во срцето на општината“. Објасни дека неговата кандидатура е должност кон жителите: „Многумина може се прашуваат зошто се кандидирам за градоначалник. Одговорот е едноставен и доаѓа од срце. Затоа што мојата најголема должност не е кон функцијата, туку кон луѓето. Затоа што видов дека одлуките за нашата иднина не смеат повеќе да се носат во затворени канцеларии, далеку од реалните проблеми на граѓаните. Вистинската промена се случува тука, на нашите улици, во нашите маала, во секојдневниот живот.“
Тој потсети дека во изминатата година и половина Чаир бил повторно ставен високо на агендата на Владата и дека биле обезбедени проекти и фондови за општините со мнозинско албанско население. „Обезбедивме десетици милиони евра за секоја од општините каде живееме. Чаир веќе е градилиште, тоа го гледате околу вас. Сега е време за работа, за реализација на проекти, за инвестирање на обезбедените фондови и средства“, истакна Меџити.
Во делот на инфраструктурата, најави изградба на подземен паркинг кај плоштадот „Скендербег“, катна гаража кај комплексот „Чаирчанка“, монтажни гаражи во Стопанско поле и кај салата „Партизан“, како и проширување на улицата „Цветан Димов“. Ќе се воведе модерен систем за управување со отпад и ќе се уредат нови зелени површини.
Посебен акцент стави на младите: „Младите не се нашата иднина, тие се нашата сегашност. Затоа ќе основаме бизнис инкубатор за стартап компании и локален иновациски фонд за млади претприемачи. Ќе инвестираме во целосна реконструкција на училиштата, воведување на паметни табли и создавање модерни услови за образование.“
Меџити додаде дека ќе инвестира и во спортската инфраструктура и ќе го заживее културниот живот во општината преку манифестации и нови содржини што, како што рече, ќе ја вратат динамиката на Чаир.