Европскиот парламент изгласа резолуција по повод 35-годишнината од падот и уништувањето на Вуковар. Со документот им се оддава почит на загинатите, се осудува величењето на воените злосторници и се повикува официјален Белград да ги отвори своите архиви со цел да се пронајдат исчезнатите лица од воените конфликти.

„Сеќавањето на Вуковар ѝ припаѓа не само на Хрватска, туку и на Европа како целина и служи како постојан потсетник дека одбраната на мирот, човековите права и основните европски вредности бара постојана будност, жртва, политичка храброст и дијалог“, се вели во резолуцијата усвоена на пленарната седница на Парламентот во Стразбур.

Текстот го потпишаа сите хрватски европратеници, заедно со пет претставници од Шведска, Германија, Шпанија, Австрија и Белгија. Гласањето од галеријата го следеа граѓани на Вуковар, членови на семејствата на исчезнатите и настраданите лица, како и поранешни затвореници кои престојуваа во Стразбур на иницијатива на европратеникот Карл Реслер.

Претседателката на Здружението на семејства на притворени и исчезнати хрватски ветерани, Љиљана Алвир, оцени дека резолуцијата носи надеж за расветлување на судбината на лицата кои се водат како исчезнати. Во Хрватска сè уште не е разјаснета судбината на 1.725 лица, од кои голем дел се од регионот на Вуковар и хрватското Подунавје.

Во документот Вуковар е опишан како град со богато мултикултурно наследство, но и како прво населено место во Европа кое по Втората светска војна било речиси целосно разурнато во воена опсада која траела близу три месеци.

Со резолуцијата им се оддава почит на жртвите и бранителите, како и на ранетите, раселените лица и цивилите настрадани за време на воените судири при распадот на поранешна Југославија. Во текстот се потсетува и на начелото „никогаш повеќе“ кое лежи во темелите на европското обединување.

Усвоениот документ директно ги нотира воените злосторства на локацијата Овчара и логорите во Србија, како што се тие во Стајиќево, Бегејци, Ниш, Белград, Нови Сад и Сремска Митровица, како и објектот Велепромет во Вуковар. Се укажува и на тогашната националистичка реторика на Слободан Милошевиќ, говорот на Газиместан од 1989 година и плановите за Голема Србија. Истовремено, се потсетува и на извинувањето на поранешниот претседател Борис Тадиќ на Овчара во 2010 година, како и на мирната реинтеграција на источните делови на земјата.

Европскиот парламент остро ги осуди обидите за негирање или рехабилитација на воени злосторства во регионот, при што конкретно се посочува неодамнешното оддавање почит на Ратко Младиќ при неговиот погреб во Белград. Претседателката на парламентот, Роберта Мецола, доби задолжение да го достави усвоениот текст до институциите на Европската Унија и властите во државите од регионот.