Политичка мерка наменета за младите брачни парови наскоро ќе биде преточена во законско решение кое ќе важи на целата територија на државата. Со оваа законска одлука се предвидува младите лица на возраст до 35 години, кои сакаат да изградат сопствен семеен дом, да бидат целосно ослободени од плаќање комуналии кон локалните самоуправи.
Оваа мерка претставува директна финансиска помош и олеснување на постапката за започнување на градба. Конкретната пракса веќе функционира во неколку скопски единици на локалната самоуправа, каде што Општина Гази Баба уште кон крајот на минатата година ја спроведе иницијативата со која брачните парови до 35 години не плаќаат надомест за комуналии што ѝ припаѓаат на општината.
Дополнително, Советот на Град Скопје претходно донесе одлука со која младите брачни парови до 40 години и самохраните родители се ослободуваат од 60 проценти од вкупниот надоместок за уредување на градежно земјиште за објектите што се наоѓаат во опфатот на Генералниот урбанистички план.
Првичниот старосен праг од 29 години подоцна беше поместен на 35, односно 40 години, со цел да се опфати поголем број семејства на кои им е потребна системска поддршка при обезбедувањето покрив над главата и сигурност во градењето на иднината во земјата.
