Нема простор за промена на моделот на пржинска влада на овие избори, преблиску сме за да ги смениме правилата на игра во последен момент, рече денеска министерот за надворешни работи и потпретседател на ДУИ, Бујар Османи.
Според него, за овие избори не може да има промени на моделот, а многу е важно и на претстојната лидерска средба во декември да се постигне консензус, дали изборите ќе се одржуваат споено или одвоено.
Како што истакна Османи на брифинг со новинарите, во ДУИ уште нема одлука кој би бил премиер во техничката влада и тоа најверојатно ќе се реши во почетокот на декември.
На прашањето дали за следните избори ДУИ би се согласила да се смени пржинската влада, партискиот потпретседател одговори дека засега нема таква одлука.
-Нема одлука во ДУИ. Но, како потпретседател на партија, јас би се согласил за наредните избори да се повлече пржинската влада, но не на овие избори. Едноставно сме преблиску за да ги смениме правилата на игра во последен момент. Сега, на овие избори, продолжуваме со истите правила на игра согласно договореното и уште при формирање на коалицијата, дециден е Османи.
Негова оценка е дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ не е против техничка влада поради министрите и замениците министри, туку поради премиер Албанец. Ставот на Мицкоски да се напушти концептот на техничка влада, нагласи Османи, има само една цел, да продолжи кампањата да се заснова на албанофобија, еурофобија, бугарофобија.
-За менување на моделот на пржинска влада може да се разговара, но се што ќе биде одлучено треба да влезе во сила за наредните избори. Ние може да разговараме за пржинска влада, но се што ќе одлучиме, треба да влезе во сила за наредните избори. Не може да важи за овие избори. За наредните избори можеме да разговараме. За овие избори не може да има промени на моделот. Бидејќи тој ја наметна таа тема, на премиер Албанец, мислам дека тука ова прашање нема простор да се дискутира, бидејќи е договорена, за тоа потврди и премиерот и мислам дека тука нема простор. Но, по однос на самите избори, кога, како, почетокот на декември ќе има состанок помеѓу лидерите, и ќе се остави да се постигне консензус. Многу е важно по однос на терминот на изборите, дали ќе бидат споени или ќе бидат одвоени, да има консензус. Јас еве во неколку наврати зборувам што ДУИ мисли, меѓутоа не велам така треба да биде. Ние ќе прифатиме се што ќе се предложи. Но, многу е важно на избори да влеземе со консензус, бидејќи ако влеземе со наметнати решенија уште од старт имаме искривен процес. Мора од таа лидерска средба да излеземе сите со подадена рака. Ова е теренот рамен за избори, ајде најдобриот нека победи, тој што граѓаните ќе го поддржат. Ние ќе инсистираме да има консензус по однос на датумот на избори, по однос на сите техникалии, истакна Османи.
Тој смета дека пржинската влада од практичен аспект не е лошо решение, но од друга страна, со прифаќањето на овој модел државата испраќа порака дека не може поинаку да обезбеди „фер плеј“. Мора, напомена, да имаме капацитет за фер избори и без врзани потписи.
-Лидерот на опозицијата, пржинската влада ја наметна како тема во функција на премиер Албанец. Значи, прво мора да се издвојат тие две теми. За првата нема простор, ниту причина зашто двата коалициски партнери се имаат усогласено околу тоа. За пржинската влада можам да кажам личен став. Од практичен аспект и не е лошо решение. Затоа што никој после избори не може да обвини некого за наместени избори. Никој. Кога имате министер за внатрешни, имате заменик министер за финансии, имате министер за труд, најдобрата страна од ова решение едека на крај секој мора да ги прифати изборните резултати. Има една лоша страна дека државата мора да смисли вакви инструменти за да има „фер плеј“. Тоа не е убаво за една држава што е членка на НАТО, кандидат за ЕУ, бидејќи ние мора да имаме капацитет наш, да имаме фер избори и без врзани потписи. Значи, не и не сме луѓе кои треба да ни врзат потписи за да не манипулираме избори. Од тој аспект ми пречи. Меѓутоа од аспект дека никој на крај бидејќи навикнати сме после избори, секој да обвини наместени избори, не ги прифаќаме резултатите, овој модел не остава таков простор. Еве, во овој дел немам некој предетерминиран одговор во делот на пржинската влада, но треба да се одвои од претходната, подвлече Османи.
Брифингот се одржа во просториите на Спортски центар „Борис Трајковски“ кој е во фаза на подготовка за одржување на претстојната годишна Министерска конференција на ОБСЕ.