Министерот за надворешни работи Бујар Османи, во рамки на работната посета на Швајцарија, во Берн се сретна со неговиот швајцарски колега Игнацио Касис, што е прва средба на шефовите на дипломатиите на двете земји по 12 години.
Како што соопшти Министерството за надворешни работи, во фокусот на разговорите беше збогатување на билатералните односи, преку интензивирање на економската соработка, потоа состојбите поврзани со Ковид-19 пандемијата, актуелни прашања од доменот на меѓународната и регионалната политика, како и соработката во бројните мулатилатерални организации, во кои негуваме партнерски однос со Швајцарија.
– Од огромно значење е швајцарската развојна помош, во рамките на најновата Стратегија за С Македонија за периодот 2021-2024, со која ќе бидат алоцирани дури 72 милиони швајцарски франци за нашата земја. Овие средства наменети за трите тематски области: демократско управување; вработување и економски развој; инфраструктура и животна средина претставуваат значаен придонес и поттик за натамошниот економски и демократски развој на нашата држава, за спроведувањето на реформите, како и основа за продлабочување на билатералните односи, истакна Османи.
Министрите разговараа и за претстојното претседавање на земјава со ОБСЕ во 2023 година, како и можностите за примена на швајцарските искуства и добивање на конкретна швајцарска помош и експертиза во рамките на оваа мултидисциплинарна Организација, која третира бројни предизвици и постигнува конструктивни решенија.
МНР посочува дека Османи и Касис разговарале и за бројната дијаспора по потекло од Македонија која живее и работи во Швајцарија, придонесува во развојот на оваа држава, а преку тоа и во градењето на просперитетот на земјава.
– Посетата на министерот Османи на Швајцарија продолжува во Сион, каде ќе има средби со повеќе претставници на нашата дијаспора и веднаш потоа заминува за Мадрид на средба со министерката за надворешни работи, Европска Унија и соработка на Шпанија, Аранча Гонзалес Лаја и други шпански претставници, наведува МНР во соопштението.