Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска и утре ќе престојува во работна посета на Јапонија, на покана на неговиот јапонски колега Јошимаса Хајаши.
Покрај средбата со Хајаши, шефот на дипломатијата ќе биде примен и од престолонаследникот на Јапонија, принцот Акишино, а ќе има и одвоени средби со спикерите на Домот на претставници и Домот на советници при Парламентот на Јапонија, Хиројуки Хосода и Акико Санто.
Министерството за надворешни работи информира дека Османи ќе организира бизнис-форум со Јапoнската организација за надворешна трговија (ЈЕТРО), на кој ќе ги презентира поволностите за инвестирање во Северна Македонија пред истакнати јапонски компании како „Хонда“, „Митсубиши“, „Нипон Коеи“… Дополнително, министерот Османи ќе оствари средба и со министерот за „Осака ЕКСПО 2025“, Кенџи Вакамија.
– Целта на посетата е унапредување на билатералните односи меѓу Северна Македонија и Јапонија, со посебен акцент на економската соработка и бизнис-релациите, Воедно, ќе бидат разменети мислења за актуелната безбедносна состојба во европскиот континент и Индо-Пацификот, надворешно-политичките приоритети на двете земји, како и за актуелните меѓународни прашања и регионални теми, соопшти МНР.
Министерството информира дека од Токио, Османи ќе отпатува за Вашингтон, каде што ќе ја предводи владината делегација во рамките на Стратешкиот дијалог меѓу Северна Македонија и САД.
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ денеска престојува во еднодневна посета на Црна Гора, каде ќе учествува на годишниот Самит на демократијата во Југоисточна Европа во организација на Меѓународниот републикански институт (ИРИ), насловен „Војната во Европа: Влијанието на Балканот“.
Вицепремиерот Маричиќ ќе се обрати на панел дискусијата на тема: „Променливата политичка и безбедносна динамика во Западен Балкан“, заедно со премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ, претседателката на Косово, Вјоса Османи, претставникот на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина и други регионални прашања од Западен Балкан, Мирослав Лајчак, специјалниот претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан, Стјуарт Пич и поранешниот амбасадор на САД во НАТО и екс-специјален претставник за Украина, Курт Волкер.
Како што соопшти СЕП, Маричиќ во рамки на Самитот ќе има билатерална средба со црногорскиот премиер Абазовиќ, на која тема на разговор ќе бидат политичките случувања на домашна и меѓународна сцена, напредокот во реформите и евроинтеграциите и унапредување на регионалната соработка во пресрет на одржување на Самитот на „Отворен Балкан“.
На овогодишниот Самит на демократијата во Југоисточна Европа на ИРИ учествуваат високи владини претставници од САД, Европа и регионот, како и аналитичари, отворено да разговараат за клучните теми кои се однесуваат на стабилноста на регионот, со фокус на последиците од војната на Русија против Украина на Западен Балкан.