Министерот за надворешни работи на Република  Македонија, Бујар Османи, денеска и утре и  ќе учествува на редовниот министерски состанок на Глобалната коалиција против ДАЕШ/ИСИС, кој се ко-организира од Мароко и САД, и ќе се одржи во Маракеш, Мароко.

Како што информира МНР, Османи ќе учествува на панел дискусија, со главен акцент на состојбата во Авганистан, каде ќе ја потенцираaт потребата од заеднички одговор на предизвиците кои произлегуваат од ситуацијата во таа земја, но и од другите кризни жаришта во светот. Северна Македонија уште пред членството во НАТО, од 2002 година, активно придонесуваше за зачувување на мирот во тој регион.

На маргините на состанокот, додаваат од Министерството за надворешни работи, Османи ќе оствари низа билатерални средби со своите хомолози од Мароко, Насер Бурита; Франција, Жан-Ив Ле Дриан; Кувајт, Шеик Др. Ахмед Насер Ал-Мохамед Ал-Сабах; Холандија, Вопке Хоекстра како и со потсекретарот за политички прашања на САД, Викториа Нуланд.

Како претседавач со ОБСЕ Групата на Медитерански партнери за соработка, средбата со мароканскиот министер Бурита ќе се искористи и за размeна на мислења во однос на соработката во тој формат.