Поранешната британска премиерка Тереза Меј му порача на премиерот Енди Бeрнам да го прифати Брегзит и да продолжи понатаму, истакнувајќи дека е запрепастена од фактот што тој размислува за можноста Велика Британија повторно да се приклучи на Европската Унија.

„Брегзит е завршена работа. Едноставно прифатете го Брегзит и продолжете понатаму“, изјави Меј во интервју за емисијата „Sunday with Laura Kuenssberg“ на Би-Би-Си, која ќе биде емитувана во недела.

Бeрнам оваа недела, на самитот во Брисел, изјави дека сака да „размени идеи“ за можните опции за идните односи меѓу Велика Британија и ЕУ. Минатата недела, во говор во Лондон, тој оцени дека Брегзит не успеал.

Меј, која три години преговараше за договорот за излегување на Велика Британија од ЕУ, предупреди колку ваквите преговори можат да ја исцрпат државата.

„Обемот на тие преговори и часовите што треба да се вложат ја опфаќаат целата влада. Не станува збор само за времето на премиерот, туку и за времето на министрите и државните службеници. Мора да преговарате цврсто за да го добиете она што го сакате“, изјави таа, додавајќи:

„Тоа е една од причините поради кои со одредена запрепастеност гледам на она за што зборува Енди Барнам – нови преговори за влез во ЕУ. Освен тоа, ние како држава гласавме за Брегзит. Кога бев премиерка, јасно кажав дека таа одлука треба да се спроведе“.

Предупредувајќи за можноста од ново гласање, Меј оцени дека Бeрнам им порачува на британските граѓани дека погрешиле на референдумот.

„Тој сака да ги потапка по рамо и да им каже: Се сеќавате на она гласање? Е па, погрешивте. Обидете се повторно и дојдете до вистинскиот одговор. Или, поточно, до она што тој го смета за вистински одговор“, рече Меј, повикувајќи го Барнам да се посвети на тоа Велика Британија да биде што е можно посилна во економска и безбедносна смисла, како и во однос на можностите што им ги нуди на граѓаните.

Тереза Меј беше премиерка на Велика Британија од 2016 до 2019 година. Претходно се залагаше за останување на земјата во ЕУ, но како премиерка ги предводеше тригодишните и исцрпувачки преговори за излегување од Унијата.