Осум пожари на отворен простор и натаму се активни во земјава, додека три се ставени под контрола. Вкупно 20 пожари биле регистрирани до 18 часот, информира Центарот за управување со кризи.
Во село Копаница во општина Сарај гори ниска вегетација. Во гостиварското село Трново, како и во селата Битово, Заград и Страјане во општина Македонски Брод, пожарите зафатиле нискостеблеста шума, ниска вегетација, пасишта и папрат.
Пожар е регистриран и над село Нежилово во општина Чашка, кај местото викано Сватови, каде гори ниска вегетација и има зафатено единечни дрва.
Во село Копанце во општина Јегуновце гори мешана шума. Пожар има и над касарната во Прилеп, каде се зафатени дива депонија и ниска вегетација, како и кај старите гробишта во Прилеп, каде гори ниска вегетација.
Огнени жаришта се регистрирани и кај охридските села Велмеј и Брежани, каде гори ѓубре и ниска вегетација, како и во прилепското село Црнилиште, каде е зафатена ниска вегетација.
Под контрола се пожарите на депонија во Делчево и во село Црквенец, каде гори ниска вегетација.
Под контрола е и пожарот кај селата Моране, Вртекица и Рамни Габер во општина Студеничани, како и кракот кон село Палиград.
Пожарот над селата Вражале и Тисовица во општина Зелениково, каде гори мешана шума, исто така е ставен под контрола.
