Земји како Австралија и Нов Зеланд би можеле да го следат примерот на Канада и да станат придружни членки на Европската Унија, во време кога земјите со слични размислувања се стремат да ги зајакнат меѓусебните врски, изјави претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, за „Еуроњуз“.

„Постојат земји со кои сакаме да го продлабочиме нашиот однос. Не се сомневам дека ова ќе вклучи и други земји и дека други ќе ни затропаат на вратата. Во неизвесни времиња како ова, важно е да имаме пријатели“, рече Мецола пред говорот на канадскиот премиер Марк Карни.

Европската Унија веќе има трговски договори со Австралија и Нов Зеланд, што може да биде почетна точка за поблиска соработка. Сличен однос беше предложен и со Канада, која потпиша сеопфатен трговски договор со ЕУ во 2016 година.

Кога беше прашана за техничките детали за придружното членство, Мецола потврди дека дискусиите се уште се во почетна фаза. Меѓутоа, таа ги спомена продлабочените трговски односи, пристапот до клучни суровини и заедничките прописи за прашања како што се социјалните мрежи и заштитата на малолетниците како можни елементи на соработка.

Идејата за асоцијативно членство за Канада ја презентираше вчера претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во нејзиниот годишен говор.  Канадскиот премиер Марк Карни ја истражува можноста за посилни врски со ЕУ поради трговската војна со САД, најголемиот партнер на Канада, кои воведоа високи царини.

По објавувањето на европскиот план, Трамп им рече на новинарите дека ќе разгледа воведување нови царини на Европската Унија доколку асоцијативното членство стане „непријрателско“. Вашингтон и Брисел имаат трговски договор со кој се наметнува царина од 15 проценти за стоки од ЕУ.

Мецола ги минимизираше тие закани и рече дека ЕУ ги гледа односите со Канада и САД одделно. Таа рече дека целта на Унијата не е спротивставување на која било земја, туку соработка врз основа на правила. Таа, исто така, потсети на трговскиот договор договорен минатото лето и ратификуван оваа година.