Прекините во британскиот воздушен сообраќај продолжија и денеска, еден ден по техничкиот дефект во системот за контрола на летовите. Откажани се повеќе од 2.000 летови, а најмногу проблеми има на лондонскиот аеродром Хитроу.

Според податоците на компанијата за анализа на воздушниот сообраќај „Сириум“, само вчера во Велика Британија биле откажани 1.746 летови, пренесуваат француските медиуми. До денеска напладне биле откажани уште 327 летови, од кои повеќето на Хитроу.

„Седевме во авионот малку повеќе од пет часа. Потоа, околу 18:30 часот, од сите авиони на аеродромот истовремено ги истоварија патниците, што се претвори во огромна, хаотична сцена“, изјави 28-годишниот Мет Ернстер, кој се враќал во Бостон од медениот месец во Париз.

„Ескалаторите се расипаа. Сите беа заглавени во огромен ред од неколку илјади луѓе само за да стигнат до царинската контрола. А на царината чекаа уште еден или два часа“, додаде тој.

Бидејќи синоќа не можел да најде хотел во близина на аеродромот, Ернстер одлучил да преноќи во чекалница на Хитроу.

Според британската служба за контрола на воздушниот сообраќај NATS, дефектот се случил вчера во раните попладневни часови. Околу 19:30 часот службата соопштила дека проблемот е „решен“.

Од NATS предупредија дека стабилизирањето на сообраќајот на Хитроу, најголемиот аеродром во Европа според бројот на патници, „ќе потрае некое време“ поради натрупаните доцнења на летовите.

Главниот извршен директор на NATS, Мартин Ролф, ја отфрли можноста дека станува збор за „кибернапад“ и најави „многу темелна истрага“.