Во францускиот град Нант, петмина стоматолози добиле отказ од работа откако категорично одбиле да им вградуваат евтини кинески протези на своите пациенти. Оваа одлука на менаџментот предизвика голем револт и остави околу 6.000 луѓе без редовна здравствена грижа.

Инцидентот се случил во стоматолошкиот центар „VYV Dentaire“, каде што раководството наметнало правило најмалку 30 проценти од материјалите да се увезуваат од азиските пазари за да се намалат трошоците. Лекарите тврделе дека ваквиот притисок директно ја нарушува нивната професионална етика и правото самостојно да одлучуваат за најдобриот медицински третман.

Спорот траел со месеци и претходно резултирал со суспензии на персоналот, поради што биле откажани над 250 закажани термини. Менаџментот на компанијата ги отпуштил стоматолозите под обвинение за сериозно недолично однесување, а самата клиника моментно е привремено затворена.