Станува збор за производ произведен и пакуван во објект кој не е одобрен од Агенција за храна и ветеринарство, без надзор и инспекциска контрола, како и без идентификациска ознака.
Извршен е инспекциски надзор кај операторот со храна „Тобако трејд“ од Гостивар, кој го пакувал и дистрибуирал путерот на пазарот преку маркетите „КИППЕР“. За сторениот прекршок изречена му е глоба во висина од 2 илјади евра во денарска противвредност, а со 200 евра казнето е и одговорното лице во компанијата.
На „КИППЕР Маркет ДОО“, наредено му е да изврши повлекување на овој производ од сите негови маркети и нештетно да го уништи на депонија, а ќе му биде изречена и глоба за набавка на производ без комерцијален документ.
Бидејќи гостиварката компанија не поседувала друга документација за тоа дали овој производ е дистрибуиран и кај други оператори, Агенцијата за храна и ветеринарство се сомнева дека путерот е пласиран и преку други маркети.
Се известуваат потрошувачите доколку го имаат купено овој вид на производ, истиот да не го консумираат, да го вратат на местото од каде го набавиле и за тоа да ја известат Агенцијата за храна и ветеринарство преку info@fva.gov.mk