Сиљановска-Давкова и Лафчиски ќе присуствуваат на презентацијата по вежбата „Блесок 26“
Претседателката и врховен командант на Вооружените сили, Гордана Сиљановска-Давкова, утре ќе присуствува на презентација на воена опрема, возила и способности на единиците на Армијата, која ќе се одржи на градскиот стадион во Штип.
Настанот ќе почне во 12 часот, а претседателката ќе биде придружувана од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски.
Презентацијата се организира во рамките на отворениот ден за граѓаните, по успешно реализираната воена вежба „Блесок 26“, во чии рамки беше извршено оценување на борбената готовност на Лесната пешадиска баталјонска група.
Граѓаните ќе можат да се запознаат со способностите на Армијата
Од Генералштабот на Армијата информираат дека посетителите ќе имаат можност одблиску да ја разгледаат воената опрема и возилата, како и да се запознаат со подготвеноста и професионалноста на армиските единици.
Настанот на градскиот стадион во Штип ќе биде отворен за граѓаните во периодот од 10 до 14 часот, соопшти Канцеларијата за воени односи со јавноста при Генералштабот на Армијата.
