Жителите на Кочани и околните населени места отсега ќе можат на едно место да пристапуваат до електронските услуги на институциите и да добиваат помош при нивното користење. Новиот Центар за услуги – ЕТУ Кочани денеска го промовираа министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски и градоначалникот Влатко Грозданов.
Центарот беше претставен во рамките на работната посета на Андоновски на Општина Кочани. Министерот истакна дека неговото отворање е дел од заложбите дигиталните услуги да им се приближат на граѓаните, особено на лицата на кои им е потребна поддршка при поднесувањето електронски барања.
„Со овој Центар за услуги им го олеснуваме пристапот на граѓаните на Кочани до услугите на институциите. Овде ќе можат да добијат помош за користење на Националниот портал uslugi.gov.mk, да поднесат барање за потребниот документ и полесно да ги завршат своите административни обврски. Нашата цел е дигитализацијата да биде достапна за секого и да носи конкретни придобивки во секојдневниот живот“, истакна Андоновски.
Преку новиот центар граѓаните ќе имаат пристап до електронските услуги објавени на Националниот портал uslugi.gov.mk. Меѓу нив се издавањето извод од Матичната книга на родените, документи од казнената и кривичната евиденција, како и услугите што ги нудат Агенцијата за катастар на недвижности, Фондот на ПИОМ и други институции.
Андоновски им се заблагодари на градоначалникот Грозданов и на Советот на Општина Кочани за поддршката и соработката при реализацијата на проектот. Тој нагласи дека заедничкиот ангажман на централната и локалната власт е важен за подобрување на услугите што им се нудат на граѓаните.
„По бесплатните Wi-Fi зони што ги доби Кочани, денес реализираме уште едно ветување кон граѓаните. Благодарност до градоначалникот и до Советот на Општината што ја препознаа важноста на овој проект и придонесоа за неговата реализација. Со ваква соработка создаваме услови граѓаните побрзо и поедноставно да доаѓаат до услугите што им се потребни“, посочи Андоновски.
Градоначалникот Влатко Грозданов му се заблагодари на министерот за соработката и за исполнувањето на ветувањата дадени пред граѓаните на Општина Кочани. Тој го истакна и значењето што новиот центар ќе го има за жителите на општината и околината.
Во рамките на работната посета е предвидено Андоновски да се сретне и со претставници на компании од ИТ-секторот, како и со членовите на кочанскиот СТЕМ-клуб за роботика.
