Во Ликовниот салон во Велес отворена е изложбата „Реализам наспроти апстракција“ на тројца кавадаречки уметници: Киро Јосифов, Горан Боев и Лазар Дојчинов. На изложбата се претставени 41 дело од кои 21 дело се на Лазар Дојчинов, десет акварели и 11 акрил на платно, а по 10 дела акрил на платно се на Киро Јосифов и Горан Боев.

Промоторот на изложбата беше Цветанка Тодоровска Митрева, историчар на уметноста и археолог од Музејот во Демир Капија. Таа појасни дека тројцата автори се кавадарчани и за сите заедничко е тоа што обожуваат да творат се што е поврзано со Кавадарци и кавадаречката традиција и со грозјето, лозарството и виното.

– Горан Боев е уметник којшто се труди во неговата уметност да ја долови традицијата на мајките кои се накитени со традиционална носија. Лазар Дојчинов во неговите слики ни пренесува дел од нашето културно наследство- Божицата Мајка, а која честопати се појавува во неговите дела, онаа од Тумба Маџари и се што е поврзано со виното и грозјето. Затоа што преработката на грозјето има традиција уште од антиката.Таа традиција на виното е многу стара и сите тројца уметници сакаат да ја внесат во својата уметност, Киро Јосифов за разлика од нив, создаде еден стил на сликање којшто е малку поразличен кадешто експериментира со животот којшто се огледува. Природата се огледува во водата, водата е огледало на животот, самите ние сме огледало на животот, што го има во делата на Јосифов, појасни Тодоровска Митрева.

Уметникот Киро Јосифов, кој е и претседател на Здружението „Роднокрајци“, формирано во 2021 година, истакна дека нивната цел е да ја промовираат културата и уметноста на родниот крај, на Тиквешијата.

-Ние како уметници најмногу го експлоатираме пејсажот од нашиот роден крај. Тука е застапена водата, воздухот и земјата. Воздухот е претставен преку тие јаки жолти тонови, водата кај сите тројца уметници е застапена во скоро сите дела. Најчесто употребуваме пејсажи кои се најавтентични од Тиквешијата, кај мене и кај Лазар Дојчинов, а кај Горан Боев малку поизразени се композициите со коњи, појасни Јосифов.

Горан Боев за МИА појаснува дека во неговите дела се застапени коњите, апстракциите и слики со мотиви кои се фигуративни: Гроздоберка, Мајка со дете.

-Темите ми се различни, се обидувам во различни сликарски правци меѓу другото и во апстаркцијата. Целта ми е да зборувам во чист ликовен јазик, да се контролира композицијата на сликата, да се негува хармонијата на боите, на формите, појасни Боев.

Лазар Дојчинов за МИА информира дека слика акварел, акрил на платно и со маслени бои. Информира дека има дадено слика во врвен музеј во Дубровник. Дваесет години во Кавадарци слави со самостојна изложба за виновата лоза и производите од неа како вино, ракија маџун, што е претставено и на неговите слики. Ја слика и теракотната мајка – Големата Мајка која е заштитник на куќата, уште во теракотното време до денес.

Изложбата е дел од годинашната програма на Дом на култура „Мирка Гинова“ Демир Капија и Музеј Демир Капија, каде и првично беше претставена. Изложбата е целосно финансирана од Министерството за култура, како проект од национален интерес за 2022 година.

Тројцата уметници, академски сликари и се добро познати на публиката, имаат зад себе остварено богато ликовно творештво, создавајќи дела секој во својот ликовен свет, за што зборуваат големиот број на ликовни изложби во земјава и во странство.

По Демир Капија и Велес, на 20 декември изложбата ќе биде претставена и во Кавадарци