Таа моли да се најде лекар во земјава што најпрво ќе ја згрижи, за да закрепне од анемијата, посинувањето на рацете и сите васкуларни компликации што ги има, додека не е предоцна.

Животот на Толевска до 3 април 2018 година бил вообичаен. Како самохрана мајка, се грижела за својот опстанок со работа како негувателка во градинка. На лекар отишла зашто чувствувала болки кои што личеле на предменструални болки и имала цистит, меѓутоа лекарите пронашле дистандирано црево, па предложена била хируршка интервенција веднаш. Од тој ден кога се случила операцијата, Толевска тврди дека животот и е пекол, врви низ голгота и се плаши дека за неа нема кој да се заземе.

-Страв ми е дека поради ова, што јавно зборувам, ќе наидам на уште полош третман во здравствениот систем. Неколку дена пред операцијата имав предменструални болки и цистит. Отидов во болницата во Битола со здрав изглед, ама денеска сум пропадната, премногу слаба, имам изгубено на килограми, имам анемија, неподносливи болки. Крвната слика и сите испитувања пред операцијата беа добри, меѓутоа, ми кажаа дека виделе оти имам дистандирано црево и нешто во стомакот како мандарина. Се исплашив, со крстот на чело, легнав, ја прифатив операцијата. Откако заврши операцијата докторот рече дека ми извадил циста од некое од цревата. Меѓутоа, веднаш по операцијата имав големи болки но мислев дека е од резот. Мојата рана на десната страна е толку долга, што е од папокот до едната нога. Не се смируваа болките после операцијата, крварев и анално, и вагинално, толку ми беше страшна состојбата, што бев зелена после операцијата. Крварев, имав покачена температура, но ме отпишаа од болницата, раскажа Толевска за „Слободен печат“.

Но, веднаш после исписот од болницата, состојбата и се влошила во рок од неколку часови.

-За два три часа ми се слоши и морав да одам во приватната болница „Плодност“ на ехо. Таму првпат ми беше кажано, дека ми фали десниот јајник. Не можам да го објаснам како ми беше, во болницата во Битола да ми кажат дека ми извадиле циста, а после на приватно да дознаам дека ми фали јајник. Чувствував внатрешни трески. Бев многу здрава и успевав да издржам. Не ми беше паднат имунитетот како сега што ми е. Ми рекоа дека имам хируршки проблем, а не гинеколошки. Одев и паѓав, после оперативно не можев да одам на работа. Пробав секакви начини за да можам да функционирам. Конците требаше да ми се извадат. Го прашав лекарот кај ми е јајникот, ми рече дека му пукнал при операцијата. Од патологија дојде наодот, дека сум имала циста на јајникот, но дека бил здрав – со солзи во очите и видно вознемирена раскажува Толевска за „Слободен печат“.

Таа моли да се најде болница да ја прими и да ја згрижи хируршки, затоа што се наоѓа на работ на смртта. Според неа три години во телото има туѓо тело, за кое се сомнева дека е заборавена газа од операцијата. Послеоперативните компликации лошо се одразиле на сите органи, па сега има и васкуларни и кожни проблеми и бара добри испитувања, пред да се одлучи што понатаму.

После операцијата била на неколку клиники, од Струга, Скопје, Битола, на разни хируршки прегледи, ехо, магнетни прегледи, постојаните снимања не откриле ништо. Се додека еден ден, врвен медицински професор од Скопје не и кажал дека навистина, има некое туѓо тело во организмот, па предложил операција.

Целата вест може да ја прочитате ТУКА.