Министерот за здравство Венко Филипче вчера оцени дека притисок во болниците, кој го имаше претходно, последниве денови е намален, нагласувајќи дека бројката на новохоспитализирани неделава е помала отколку претходната седмица.
Тој изрази надеж дека овој тренд ќе продолжи и следните денови, оценувајќи дека ова знаци оти актуелниот бран стивнува.
Според податоци на Министерството за здравство, во претходните 24 часа во ковид-центрите во Скопје биле примени 68 нови пациенти поради компликации од коронавирусот. Вкупниот број на пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот кои се лекуваат во болниците во земјава вчера изнесуваше 1687 и имаше околу 340 празни болнички кревети.
Филипче информира дека целокупниот процес на вакцинација во земјава се одвива согласно планот и расположивиот број на вакцини, потенцирајќи дека од почетокот на имунизацијата не е фрлена ниту една доза, иако на закажаните термини во просек не се јавуват околу 20 отсто од лицата.
Тој најави дека од Амбасадата на Кина добиле потврда дека околу 28 април во земјава треба да пристигнат околу 200 000 кинески вакцини, а пред тоа, на 19 и 26 април и по 10 000 вакцини на „Фајзер”.
Според него, веќе се обезбедени 2,6 милиони дози и нема потреба од дополнителна нарачка на вакцини.
– Нам во овој момент не ни треба нарачка на вакцини затоа што согласно планот како што е димензиниран и сите досегашни договори имаме обезбедено 2 милиони и 600 илјади вакцини. По 800 илјади вакцини треба да стасаат преку системот Ковакс и директниот договор со „Фајзер”, потоа по 200 илјади руски и кинески вакцини, 100 илјади вакцини кои треба да дојдат како помош од системот на солидарност преку Европската унија и 500-те илјади вакцини на Синовак, кои треба да стасаат во мај. Тука процесот е заокружен, рече Филипче.
Тој истакна дека евентуалното продолжувањето на сегашните рестриктивни мерки по 20 април ќе зависи од епидемиолошката состојба и индикаторите кои се следат при носењето на одлуките за нивно воведување.
– Нема да има ниту еден друг параметар или критериум освен заштита на здравјето, а во таа смисла проценка на епидемиолошката состојба која ќе биде причина мерките да продолжат или да се модифицираат, рече министерот за здравство, додавајќи дека надлежните институции ќе разговараат за ова и согласно состојбата ќе донесат соодветни одлуки.
Според вчерашните податоци на Институтот за јавно здравје во деноноќието меѓу средата и четвртокот се регистрирани 890 нови случаи на Ковид-19, 1024 оздравени пациенти и 35 починати лица.
Со последните цифри, вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата достигна 145.001, на оздравени пациенти 120.707, а на починати е 4.357, при што вчера имало 19.937 активни случаи.
Регионалниот директор на Светската здравствена организација (СЗО) за Европа, Ханс Клуге вчера потврди дека минатата недела бројот на смртни случаи како последица на коронавирусот на европскиот континент надмина еден милион.
– Ситуацијата во нашиот регион е сериозна. Секоја недела се регистрираат околу 1,6 милиони нови случаи, што значи бројка од 9.500 инфицирани на час или 160 во минута, изјави Клуге, додавајќи дека бројот на смртни случаи на луѓето постари од 80 години се намалува почнувајќи од февруари, но дека процентот на хоспитализации е се уште на високо ниво.
Тој потестти дека во Европа се користат седум вакцини против Ковид-19, при што приближно 13 проценти од европското население ја примило првата доза на вакцината, а шест проценти втората.
Истражување спроведено на 500.000 пациенти кои заболеле од Ковид-19 покажува дека згрутчување на крвта се јавило кај 39 лица на милион заразени, при што според авторите на студијата ризикот од појава на ретка церерална венска синусна тромбоза (ЦВСТ) е осум до десет пати поголем по зараза со коронавирус, отколку по примањето на некоја од постоечките антиковид вакцини.
Според истражувачите, Ковид-19 е повеќе поврзан со мозочен удар отколку со ЦВСТ и дека сегашната дебата за вакцините ја испуштила од вид можноста за појава на потешка форма на болеста.