Макрон ја прифати оставката по само еден месец на функција

Новоназначениот француски премиер Себастијан Лекорну поднесе оставка, соопшти денеска Елисејската палата, пренесе ДПА. Лекорну ја доставил својата оставка до претседателот Емануел Макрон, кој веднаш ја прифатил. Овој потег доаѓа само четири недели по неговото именување, што предизвика изненадување и оцени за политички потрес без преседан во Франција.

Незадоволство од составот на владата

Лекорну дури синоќа ја објави распределбата на клучните министерства, но реакциите беа бурни. Лидерот на конзервативните Републиканци, Бруно Рејто, изрази незадоволство и свика итен состанок, што предизвика шпекулации за можно повлекување на партијата од коалицијата со центристите на Макрон. Новиот состав на владата предизвика реакции и од десницата и од левицата – едни го оценија како премногу десничарски, други како недоволно, што уште повеќе го ослаби неговиот политички кредибилитет.

Политичка нестабилност и економски потреси

Лекорну, близок сојузник на Макрон, требаше утре да се обрати пред Националното собрание и да ги објави преостанатите владини позиции. Наместо тоа, неговата оставка го остави парламентот без јасно раководство во момент кога Франција се соочува со длабока политичка фрагментација. Според Ројтерс, веднаш по објавата на оставката, француските акции и еврото забележаа пад.

Француската политика е во криза уште од реизборот на Макрон во 2022 година, кога ниту една партија не успеа да обезбеди стабилно мнозинство. Одлуката на Макрон да распише предвремени избори минатата година само ја продлабочи нестабилноста, а Лекорну стана петтиот премиер на Франција во последните две години.