По повеќегодишно судење, Основниот суд во Струга донесе пресуда во случајот со дебарката Јилдиз Веапоска, на која по породување со царски рез во 2020 година ѝ беа отстранети матката, јајникот и еден бубрег. Гинекологот Мухамед Асани, првообвинет во постапката, е осуден на три години ефективен затвор, како и петгодишна забрана за вршење професија, дејност или должност по издржувањето на казната.
Судот донесе ослободителни пресуди за второобвинетиот Блертон Асани – син на осудениот гинеколог и тогашен специјализант по гинекологија – како и за третообвинетата лекарка Лилјана Јованоска.
„Судот обвинетиот Мухамед Асани го прогласува за виновен и му изрекува ефективна казна затвор во траење од три години, која што е максимална предвидена за ова кривично дело, а по издржување на казната затвор му изрекува споредна казна забрана за вршење професија, дејност или должност во траење од пет години,“ рече судијата Јордан Јованов при изрекувањето на пресудата.
Судскиот процес траеше четири и пол години, а оштетената Веапоска по изрекувањето на пресудата изјави дека е задоволна од висината на казната, но додаде дека смета оти вина има и второобвинетиот, бидејќи како специјализант присуствувал при изведувањето на царскиот рез.
