Избраниците на селекторот Кире Лазаров апсолутно доминираа на мечот со Луксембург и без никакви проблеми остварија очекувана убедлива победа. Македонските ракометари ја покажаа својата надмоќ на теренот во текот на целиот натпревар.

По завршувањето на мечот, селекторот Лазаров истакна дека е задоволен од целокупниот настап и прикажаната игра на своите ракометари.

„Задоволен сум од момците како пристапија кон натпреварот и за она што го работевме во изминатите два дена, немавме доволно време“, вели Лазаров.

Селекторот се осврна и на специфичните предизвици со кои се соочил стручниот штаб при подготовката на овој квалификациски натпревар.

„Требаше да почекаме да се одморат играчите на Вардар и Пелистер по дербито, имавме играч кој за првпат е овде, требаше да го инкорпорираме во системот кој што го играме и не беше воопшто лесно сето тоа да го направиме во три тренинга“, нагласи Лазаров.

Тој појасни дека ракометарите максимално го искористиле кусиот период за подготовка и ја исполниле поставената тактичка задача во нападот.

„Го искористивме максимално времето. Задоволен сум од тоа како системски напаѓавме, секогаш може подобро, може и полошо, но задоволен сум. Задоволен сум од настапот, не е битен резултатот, битен е пристапот и на кој начин играме“, додаде Лазаров.

Македонскиот стратег упати честитки до репрезентативците за покажаниот висок ритам во текот на целиот натпревар.

„Имавме темпо цели 60 минути што не е лесно за наши услови, без разлика што се работи за Луксембург. Им честитам на момците за она договореното што го прикажаа“, истакна селекторот.

Лазаров се осврна и на следниот голем предизвик што ја очекува македонската репрезентација, а тоа е претстојното тешко гостување.

„Мислам дека малку и заштедивме сили за тоа што ни следува со оглед на тоа дека е ек на сезона. Заштедивме сили, имаме сега три дена пред мечот со Грција за да максимално се спремиме. Таму не очекува пеколен меч против една одлична репрезентација која што за баражот за СП ја мина Холандија. Ќе пристапиме максимално сериозно, треба да бидеме спремни на се. Треба да имаме контрола на цела ситуација, можни се многу ситуации, да не кажам сценарија, спортски сценарија пред се. Ќе пробаме психолошки да ја спремиме екипата за она што следува“, заклучи Лазаров.