Како што истакна Маричиќ вечерва во гостување на ТВ Сител, постигната е согласност дека треба да има предвидлив и проверлив начин на верификација дека некој ги исполнува условите за државјанство.
Тоа со сведоци е опција што не влева многу доверба и може да биде потпрашање, а и ја нема никаде во Европа и во светот, посочи министерот.
Се разговарало само околу предлогот на Алијанса за Албанците кој предвидува измени на постојниот закон. За нов закон не станало збор.
-Состанокот беше многу конструктивен и добар, многу разумен и со аргументи. Се идентификуваа аргументите од постојниот Закон и од она што го предлагаше Алијанса каде е потребна дополнителна дискусија. Се утврди каде може да лесно да се постигне договор или согласност. Останаа неколку отворени прашања за кои и ние како Влада треба да обезбедиме информации. Не би било коректно јавно да преговараме за црвените линии. Имавме добар состанок од кој јасно е кој на која позиција е. Отворивме четири теми од кои за две – три рековме дека треба дополнително да се видиме, со проверка на компаративните искуства – како е во другите држави, рече министерот.
Тој смета дека ќе се најде решение зашто има и други, алтернативни начини освен со сведоци – како луѓето кои живеат долго во РСМ и се уште не го оствариле своето право на државјанство, а реално исполнуваат услови да го докажат тоа на некој соодветен начин и да го добијат државјанството
-Она со што се согласивме, сега јас не би влегувал во детали, меѓутоа се согласивме дека треба да имаме еден предвидлив и проверлив начин на верификација дека некој ги исполнува условите за државјанство. Тоа со сведоци е една опција која што не влева многу доверба и може да биде потпрашање, а и ја нема никаде во Европа и во светот. Она што беше многу важен дел на состанокот е тоа што сите се повикувавме на европските искуства и на Европската конвенција за државјанство и се договоривме дека ќе се држиме во тие рамки, потенцира Маричиќ.
Според официјалните бројки, околу 800 лица се без документи, а 2.500 поднеле барања за државјанство.
-Ние знаеме дека има околу 800 лица без документи и за нив е веќе направен закон според кој може да се регистрираат во системот, најпрво да добијат извод од матична книга, потоа и сите други документи, па да видиме дали остваруваат право на државјанство. Добивме и информација од МВР дека околу 2.500 барања има за државјанство. Тоа се бројките што ги слушнавме на маса, а се базирани според податоци од институциите се друго е на некоја политичка реторика. За оваа бројка на луѓе не би требало да има проблем, ниту за која било друга бројка ако ги направиме вистинските чекои и направиме закон за да се решат проблеми, информира министерот за правда.