Пакистан денеска е домаќин на министрите за надворешни работи на Турција, Египет и Саудиска Арабија, во обид за посредување во војната меѓу Иран, САД и Израел, со фокус на повторното отворање на Ормускиот Теснец за поморски сообраќај.

Според дипломатски извори, на Вашингтон му биле презентирани предлози за стабилизирање на протокот на нафта. Еден од моделите, предложен од Египет, предвидува наплата на такси слични на оние во Суецкиот Канал.

Се разгледува и можноста Турција, Египет и Саудиска Арабија да формираат меѓународен конзорциум кој би управувал со пловидбата низ Ормускиот Теснец, во кој би бил вклучен и Пакистан.

Турскиот министер за надворешни работи изјави дека приоритет за Анкара е итен прекин на огнот, додека пакистанскиот министер Ишак Дар соопшти дека Иран веќе дозволил премин за дополнителни 20 бродови под пакистанско знаме.

Пакистан, кој има околу 900 километри граница со Иран, се позиционира како клучен посредник во услови на ескалација на конфликтот, во кој досега загинале над 1.340 лица.