-Истиот текст на закон беше доставен до Собранието на почеток на месец Август во редовна постапка без знамето на Европската Унија, за подоцна истиот биде повлечен од страна на Владата и повторно поднесен со знамето на Европската Унија и ставен на две комисиски расправи во исто време денес. Во предлог законот не се наведени податоци за изворните акти од ЕУ со полн назив назив, број и датум ниту пак е наведен правниот акт на Европската Унија со кој е извршено усогласувањето што е спротивно на член 135 став 4 и 5 од Деловникот на Собранието. Начинот на избор на судии и јавни обвинители е суверено право на секоја земја членка на Европската Унија и не постои европска регулатива која ја третира оваа материја па се докажува дека власта манипулира со институтот “европско знаменце” но и со материјалните и човечките ресурси кои ги вложува Европската Унија за реформите во Македонија. Текстот на законот нема ниту кореспондентна табела врз која се врши усогласување на законот со правото на Европската Унија, а веќе се наоѓа на Комисијата за европски прашања. Дополнително, во постоечкото законско решение, субјективното влијание на Приемната комисија пред која се полага само усмениот дел од испитот изнесува до максимум 15% од вкупната оценка за секој канидат за разлика од предложените законски измени каде субјективното влијание ќе изнесува 50 %, вели Панова.
Таа додава дека со предложените законски измени, се предлага и писмениот и усмениот дел да се полагаат пред Приемната комисија и да имаат учество 50% во вкупната оценка за кандидатот што е преголемо субјективно влијание и дискреционо овластување врз оценката на кандидатот.
Фактот што во Приемната комисија и Програмскиот совет ќе членува лице лично номинирано од страна на Министерот за правда при полагањето на писмениот и усмениот дел од испитот, ќе значи директно партиско влијание на министерот за правда и негово дискреционо овластување во оценувањето на кандидатите, а со тоа и во изборот на судии и јавни обвинители. Исто така, правно е спорно и нелогично, државен службеник усно да испитува кандидати за судии и јавнни обвинители кои работат како адвокати, стручни судски и јавно обвинителски службеници, за практична примена на законите во граѓанското и кривичното право, а самиот тој државен службеник не работи во таа област, односно работи како државен службеник без никаков допир со судска или јавнобвинителска материја. Претничката група на ВМРО-ДПМНЕ бара од матичната комисија да се организира јавна расправа околу овој предлог закон на која што врвни експерти од правната фела ќе можат на транспарентен начин да ги дадат своите забелешки и заеднички да се изработи едно квалитетно законско решение кое што ќе ја врати довербата на граѓанитe во судскиот систем. За оваа злоупотреба на СДСМ ќе ги информираме и ОБСЕ, Европската комисија, Американската амбасада и Француската амбасада кои се финансиери на оваа академија и се косат со нивните заложби за реформи во правосудниот систем, потенцираше Панова.