На денешната прес-конференција, Антонио Милошевски го критикуваше претседателот на СДСМ, Венко Филипче, поради неговиот став за францускиот предлог и најавената резолуција со наводни „црвени линии“. Милошевски истакна дека Филипче ја менува својата политика во зависност од интересите на својот финансиски и политички ментор, Зоран Заев.

„На 1 октомври 2024 година, Филипче изјави дека францускиот предлог е победа на нашата дипломатија. Денес, една година подоцна, истиот предлог бара црвени линии и резолуција за заштита од него, кој целосно е во корист на источниот сосед“, рече Милошевски.

Според него, ваквите изјави не се порака до граѓаните, туку сигнал до соседна Бугарија и меѓународната заедница, со цел Филипче да го задржи своето место на чело на СДСМ по локалните избори.

„Венко Филипче не знае да изгради ниту автопат, ниту клинички центар, но е способен за потпис и печат на секој документ што ја потчинува Македонија, како што тоа го направи Бујар Османи со францускиот предлог и анексите“, додаде Милошевски.

Тој исто така обвини дека СДСМ во соработка со ДУИ долги години ја подривала позицијата на Македонија, и дека Филипче и Заев ја „приватизирале“ партијата за лични интереси.

„Нивното време заврши и затоа најдобро е Филипче наместо предлог-резолуција за францускиот предлог, да предложи внатре во СДСМ сериозни реформи во партијата која ја окупираа финансиски олигарси“, заклучи Милошевски.