Поради одредени субјекти кои тераат инает и кон себе и кон граѓаните и кон пазарните инспектори и не ги почитуваат протоколите и мерките трпи целата угостителска дејност. Кон таквите немаме милост и мораме да постапуваме согласно законот, рече денеска директорот на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски.

-Од Нова година до денеска имаме преку 78 затворени објекти поради непочитување на протоколите, за работење преку работното време и за нерегистрирани даночни обврзници. За жал, и по една година се соочуваме со субјекти, претежно угостителски објекти, но и граѓани, кои дозволуваат да се направат пропусти кои ние ги санкцицонираме. Повеќе пати сум кажал дека во поголем број случаи успеваме да затекнеме на лице место и тогаш веднаш постапуваме – додаде Пауновски.

Во врска со свадбата во Струмица, тој рече дека инспекторите тигнале тему не нашле ништо бидејќи информацијата ја добиле откако завршила свадбата.

– Инспекторите влегуваат во сите региони, населени места и секаде онаму каде што добиваат дојави благодарение на граѓани. Притоа, постапуваат согласно надлежностите и Законот. Таму каде што инспекторите ќе проценат дека не можат сами да постапуваат, секогаш одат со асистенција на полицијата – рече Пауновски.

Тој појасни дека по 20 часот, кога почнува полицискиот час, дозволено е да се врши достава на храна и пијалаци, но сите што вршат достава на храна мора да имаат соодветна дозвола за движење и во Државниот иснпекторат за труд да бидат пријавени за ноќна работа.

Во однос на цените на лековите, посебно на оние за превенција и заштиа од ковид-19, Државниот пазарен инспекторат, рече Пауновски, нема ингеренции.

– Немаме никаква надлежност да ги следиме тие покачувања на цените, освен ако истакнатата цена на лекот не е ставена и во фискалната каса. И во земјава и во цела Европа владее пазарна економија. Она што има државна цена како нафтата, таму може да делуваме ако има поскапување или поевтинување. Лани кога беше вонредна состојба имаше производи кои не смееја да поскапат. За жал, сите производи што поскапуваат влијаат на пазарната економија, но сме прифатиле да бидеме пазарна економија – објасни Пауновски.

На прес-конференцијата претходно, претседателката на Инспекцискиот совет, Магдалена Грашкоска соопшти дека продолжуваат зајакнатите контроли. Од 29 март до 4 април биле спроведени вкупно 5.236 надзори од кои преку 4.500 реализирал Пазарниот инспекторат и изрекол 34 прекршочни пријави, како и 43 платни налози, а донел и 91 решние за констатирани неправилности.

Грашкоска потсети дека денеска стапи во сила целосната забрана за работа на угостителските објекти и воедно ги охрабри инспекторите да немаат толеранција ако утврдат какви било недоследности или непочитување на мерките.