Токму затоа Друштвото на ликовните уметници на Македонија има вонредно значење, имајќи ги предвид сите децениски искушенија во кои настанува, се развива и опстојува до ден денешен. Станува збор за една од најзначајните струкови уметнички и културни заедници, која ги одразува тековите не само во ликовната уметност, туку, генерално, во современото македонско уметничко творештво. Ова синоќа го истакна претседателот Стево Пендаровски на отворањето на изложбата на Друштвото на ликовните уметници на Македонија по повод 75-годишнината од неговото основање.

Како покровител на јубилејната изложба „75 години ДЛУМ“, претседателот Пендаровски нагласи дека секој континуитет кој остава развојни траги во нашата културна историја има непроценлива важност. Пендаровски порача дека авангардата на македонската ликовна уметност е револуционерна за времињата кога се формира ДЛУМ, но, актуелна е за денешните, а ќе биде и за сите идни генерации.

-Само со јасни стратешки определби за градењето на културните политики можеме да го развиваме нашето културно наследство во една нова, конструктивна и креативна критичка перспектива, што е основата врз која се создава и актуелната, живата култура. Овој јубилеј на ДЛУМ, треба да ни биде поттик и поука за тоа како треба секој човечки влог, настанат во специфични идентитетски, економски и социо-културни околности, да се документира, негува, култивира и развива понатаму како отворена структура за новите парадигми во културата, уметноста и генерално, во општеството, рече Пендаровски.

Претседателот Пендаровски потсети на постоење на ДЛУМ, на неговите основачи – Личеновски, Мартиноски, Поповиќ-Цицо, Владимирски, Белогаски…Посочи на историјата на ДЛУМ и на визуелните уметности, во сите нивни многубројни форми и изрази.

– Низ оваа ретроспектива посветена на 75-годишнината на ДЛУМ, осознаваме дека уметноста низ разни техники реагира и укажува на општествените финеси, аномалии, се разбира и на доблестите. Дискурсот кој го нуди уметноста е клучната алатка која може длабински и суптилно да навлезе во проблематичните, но и во прогресивните општествени перспективи, рече Пендаровски.

-Низ историјата на ДЛУМ прилично транспарентно може да се согледа општествената инфраструктура на нашиот културен и уметнички развој. Историјата и актуелната вредност на ДЛУМ се наследство кое трае и отвора нови хоризонти. Со тоа, ДЛУМ останува да биде едно од најзначајните јадра на културните политики, кои треба внимателно да ги развиваме, порача претседателот Пендаровски.