Од Кабинетот на претседателот на државата, Стево Пендаровски преку соопштение испратено до медиумите потврдија дека платата за месец јануари 2023 година не е исплатена за вработените во Кабинетот и за претседателот.

-Образложението кое го добивме од Министерството за финансии е дека во Буџетот за 2023 година нема дополнителни средства за исплата на плати за вработените во Кабинетот на претседателот и го сметаме за неосновано.

Кабинетот на претседателот во согласност со потпишаниот Колективен договор со Синдикатот на вработените, предвиде покачување од 5% на плата само за државните службеници кои се вработени во Кабинетот на претседателот. Ова покачување не се однесува за претседателот, именуваните лица и посебните советници во Кабинетот. Средствата за Буџетот во 2023 година се обезбедени преку сопствени заштеди во буџетот на нашата институција и за ова не се побарани дополнителни средства од Министерството за финансии.

Барањето за финансиски средства за плата за месец јануари 2023 година, кое Кабинетот на претседателот го достави до Министерството за финансии е изработено во согласност со Законот, во рамки на одобрените средства во Буџетот на Република Северна Македонија за 2023 година, буџетскиот корисник – Претседател и во согласност со Колективниот договор за вработените при Претседател на Република Северна Македонија, се вели во соопштението.