Претседателот истакнува дека посетата што е на покана на неговата грчка колешка Катерина Сакеларопулу, „доаѓа како продолжение на низата средби на различни нивоа во последните години и е јасен доказ за зајакнатите билатерални односи меѓу двете земји по потпишувањето на Договорот од Преспа“.
Паралелно, Пендаровски ја потенцира и важноста на посетата со оглед на тоа што се случува првпат и објаснува дека никогаш досега ниту еден претседател на Македонија не ја посетил Грција, ниту пак некој грчки претседател бил во Република Македонија.
– Па така, денес ја пополнуваме оваа празнина и отвораме уште еден канал на комуникација и соработка за уште поголемо приближување на двете земји и двата народи. Затоа, главната цел на оваа државна посета е да ја покажеме нашата дополнителна подготвеност за унапредување на билатералните односи во сите области од взаемен интерес, да ја реафирмираме решителната посветеност за пријателски и добрососедските односи меѓу двете земји, како и за понатамошна имплементација на Договорот од Преспа, вели претседателот.