Претседателот Стево Пендаровски за време на работната посета на САД по повод учеството на 78. Генерално Собрание на Обединетите Нации, вчера попладне во Чикаго, како почесен гостин, присуствуваше и се обрати на донаторска вечера „Патишта кон просперитет” во организација на „Македонија2025″.
На свеченоста, претседателот Пендаровски го одликуваше главниот извршен директор на Боинг, Дејвид Л. Калхун со Орден „8 Септември”, за неговиот особен и посветен придонес во развојот и унапредувањето на македонско-американските стратешки и деловни односи и за економскиот напредок на нашата земја.
Претседателот Пендаровски го врачи и признанието „Diaspora Recognition Awards 2023″, коешто Македонија 2025, под негово покровителство, им го додели на Стенли Томас и на Влатко Андоновски, во чест на нивните придонеси и достигнувања.
„Организаторот на овој настан, „Македонија 2025,” е една од водечките организации на македонската дијаспора, посветена на развојот и економскиот напредок на нашата татковина и нејзините граѓани уште од основањето во 2007 година. Со иницирањето и организацијата на овој настан тие уште еднаш ја потврдуваат нивната релевантност и визија за нашата подобра иднина.
А ова е далеку од единствен проект за нив. Освен бројните активности, вклучително и традиционалните годишни конференции, програмата за стипендирање на средношколци, Охридскиот камп за високо-технолошка извонредност во соработка со Кабинетот на претседателот кој успешно се одржува веќе три години, неодамна воспоставивме и по првпат го доделивме Признанието за особен придонес за истакнати членови на дијаспората. Наградата го вреднува исклучителниот придонес од страна на членови на македонската дијаспора во насока на зачувување и афирмација на македонските историски, културни и духовни традиции и вредности.
Вечерва, би сакал да го истакнам повторно она што го кажав при првото доделување на ова признание: потребни ни се организации и поединци кои придонесуваат во градењето на блиски и продуктивни врски помеѓу Република Северна Македонија и нејзината дијаспора. Ова понекогаш значи и надминување на големите очекувања кои постојат и овде, но и кај сонародниците во татковината. Она што најпрво треба да го направиме е да ги оставиме настрана сентименталноста и емоциите, бидејќи она што ни е потребно е прагматизам.
Она што ни е потребно е ситуација во која сите сме победници, и оттука, наш заеднички потфат треба да биде отворање на патишта за што поблиска комуникација помеѓу нас, која цели кон нови иницијативи и инвестиции“, изјави Пендаровски.