Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на отворањето на дводневниот Отворен Форум за антикорупција организиран од Македонскиот центар за меѓународна соработка, а во рамки на Програмата Граѓаните против корупцијата и Програмата Регионалната мрежа за антикорупција (СЕЛДИ), пренесе Макфакс.
Посочувајќи дека како држава пред 20 години ја ратификувавме Конвенцијата против корупција на Обединетите Нации, во своето обраќање Пендаровски истакна дека и по две децении од Конвенцијата, дури 63% од македонските граѓани сметаат дека корупцијата е наш најголем проблем.
„Индексот за перцепција на корупцијата за 2022 година ја рангира Македонија на 85-то место во светот. Само 6 или 7 европски држави, зависно од времето на мерење, се зад нас, од кои ниту една не е земја членка на Европската Унија. Индексот за владеење на правото, пак, нѐ рангира на 67. место од вкупно 142 држави, со забележан пад во повеќе области. Дури половина од истрагите што Европската служба за борба против измами – ОЛАФ ги отвори за земјите од Западниот Балкан, се поврзани со злоупотреби на европските фондови во Македонија.
Во зависност од локалниот контекст, причините за оваа состојба најчесто ги бараме во недостатокот на политичка волја, во системски или законски празнини, во долгогодишната блокада на европските интеграции, и се разбира, пред се, пред се, во културата на неказнивост“, рече тој.
Според него, оние кои корумпираат успеваат да ја избегнат одговорноста со помош на неколку тактики, од негирање на корупцијата, преку минимизирање на нејзините ефекти, одвлекување на вниманието на јавноста од проблемот, па сѐ до дискредитирање на критичарите или замолкнување на свиркачите.
„Низ годините, за жал, корупцијата стана наше секојдневие, начин на живот, во кој, огромен сегмент од општеството верува дека без мито, непотизам, кронизам и клиентелизам не можете да напредувате. Една третина од граѓаните изјавуваат дека биле изложени на коруптивен притисок, а дури една четвртина од нив, посегнуваат или по паричникот или по телефонот за да дадат мито или да побараат врски.
Кога ќе продолжиме со преговорите за ЕУ, корупцијата беа сомнение ќе биде и најголемата пречка во процесот на европските интеграции. Преговорите за членство се отвораат и затвораат со поглавјето за владеење на право и фундаментални права, а, последниот извештај на Европската комисија констатира дека не е забележан напредок во борбата против корупцијата кај нас“, додава Пендаровски.
Решенијата според него се во легислативата која како што рече треба да биде целосно усогласена со европското законодавство.
„Не треба да ги мериме намерите, туку резултатите на антикорупцијата. Добрата легислатива не вреди ако не се имплементира и ако не важи подеднакво за сите. Создавање на широк антикоруптивен фронт. За да биде ефективна, антикорупцијата не смее да се сведе на процедура во надлежност на неколку институции, туку мора да прерасне во потфат кој ќе добива поддршка од целото општество. При тоа е неспорно дека борбата против корупцијата е пред се задача на секоја институција, за секоја од гранките на власта, и за владејачката коалиција и за опозицијата, на централно и на локално ниво. Меѓутоа, медиумите, истражувачкото новинарство, невладиниот сектор и јавноста имаат незаменлива улога во тој процес.
Подигнување на културата на антикорупција. Тоа подразбира, меѓу останатото, расчистување со едно популарно, но, погрешно верување, сумирано во изјавата „овие крадат, ама барем нешто работат или градат.
Избраните и именуваните функционери мора да работат и да градат, без да крадат. Воедно, мора да разбереме дека малата сума не ја прави корупцијата помалку сериозна. Независно дали станува збор за 500 или 500.000 денари, корупцијата е корупција и не смее да се толерира“, подвлече Пендаровски.
Потсети дека на 9 декември, за само три дена, ќе го одбележиме Меѓународниот ден на антикорупција, а на 10 декември е Денот на човековите права. Нема човекови права и слободи таму каде што правдата е поразена од корупцијата, додаде тој.
Според Пендаровски, ако сакаме да изградиме праведно општество засновано на највисоки етички вредности и интегритет, тогаш антикорупцијата треба да биде во средиштето на сите наши напори и политики.