-Дозволете да ви го честитам 23 Mај, Националниот ден на Власите и да ви посакам празникот да го поминете, пред сè, во добро здравје, исполнет со радост и со среќа.Токму на овој ден, пред 116 години, Власите првпат во тогашното Отоманско Царство беа признати како народ и добија можност за образование и за богослужба на својот мајчин јазик. Негувањето на етничкиот, јазичниот и културниот идентитет е континуиран процес кој никогаш не завршува. Се гордееме што карактеристиките, традицијата и обичаите на Власите се длабоко вткаени во нашето мултикултурно и мултиетничко општество. Република Северна Македонија и понатаму ревносно, како и за сите етнички заедници, ќе ја афирмира и промовира влашката историја и култура, истакна Пендаровски во честитката.

Тој се осврна и на состојбата со пандемијата, повикувајќи на одговорност, солидарност и дисциплинираност за што е можно побрзо враќање во нормалното секојдневие.

-Секој наш граѓанин, како впрочем и секој човек насекаде низ светот, повеќе од една година се соочува со опасноста од Kовид-19, стравувајќи за својот и за животот и здравјето на своите најблиски. Со почетокот на масовната имунизација во нашата земја конечно се наѕира крајот на пандемијата. Да продолжиме да бидеме одговорни и дисциплинирани, солидарни и посветени, и што поскоро да се вратиме на нормалното секојдневие, нагласи шефот на државата.