Вкупно 329 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот се лекуваат на инфективните одделенија во Скопје и во болниците во другите градови. Има околу 575 празни болнички кревети во ковид – центрите, соопшти Министерството за здравство.

Во изминатите 24 часа во ковид – центрите во Скопје се хоспитализирани седум нови пациенти поради компликации од коронавирусот. Вкупно 127 лица сомнителни и потврдени за Ковид-19 се лекуваат на инфективните одделенија во главниот град. Голем број од пациентите се на кислородна поддршка.

Во ковид – центрите во болниците во другите градови во изминатите 24 часа е пријавено дека се лекуваат вкупно 202 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот.

Во последното деноноќие, во Скопје на Институтот за ТБЦ немало приеми. Во ковид – центарот во ГОБ „8 Септември“ имало еден примен пациент и шест биле примени на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во текот на вчерашниот ден. Во изминатите 24 часа дома се пуштени 11 оздравени пациенти. Во ковид центарот на Институтот за ТБЦ се лекуваат 19 пациенти. Во ГОБ „8 Септември“ има вкупно 48 болни, а на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби лежат 60 пациенти.

Бројот на приеми во изминативе денови се намалува и изутрината до 8 часот имало 80 слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места. Сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имат потреба од кислородна поддршка.

Во болницата во Битола се хоспитализирани 23 пациенти, позитивни и суспектни на Ковид-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 21 пациент. На инфективното одделение во Тетово има честири пациенти, во Велес се лекуваат 15 болни, а во Куманово 38 пациенти позитивни и суспектни на Ковид-19. Во ковид – центарот во Охрид се хоспитализирани 25 пациенти, во Прилеп 15, во ковид – центарот во Гостивар пет, а во Струга 23 болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 16 пациент, во Кочани четири, во Кичево седум, Кавадарци шест, а во Гевгелија нема хоспитализирани лица позитивни и суспектни на коронавирусот.

Поради намалениот број на болни, болниците затворија дел од капацитетите наменети за ковид пациенти.

Во тек на денот се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла. Инаку, сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород. Министерството за здравство има увид во состојбата со капацитети и доколку има потреба одделенијата ќе бидат дополнително проширени, стои во соопштението.