Холандската полиција уапси 76-годишен маж кој утрово се обиде да го прегази градоначалникот на градот Дримелен, Бој Шолце, со својот автомобил.
Тоа се обидел да го направи кога градоначалникот влегувал во градското собрание, објави „NL Times“.
Градоначалникот се фрлил на страна за да не биде удрен, соопшти полицијата.
Како што наведуваат, човекот за време на нападот извикувал хомофобични забелешки упатени кон Шолце. Министерот за правда во заминување Дилан Јесилгоз го нарече нападот врз градоначалникот страшен.
Некои други градоначалници се огласија на социјалните мрежи – Ваутер Колф од Дордрехт го нарече инцидентот бизарен, додека Сиерт Потерс од Де Билт напиша дека сите треба цврсто да застанат зад колегата Шолце и никогаш да не отстапуваат пред заплашувањето и насилството.