Од утре, пензионерите низ целата држава ќе добијат повисоки пензии. На нивните сметки ќе легнат дополнителни 2.500 денари. Ова покачување го опфаќа целиот пензионерски корпус од над 300 илјади лица и е дел од континуираниот раст на пензиите.

Со оваа корекција, во изминатите осум месеци пензиите пораснаа за вкупно 5.000 денари, со што се подобрува стандардот на највозрасната категорија граѓани.

Повеќе средства за пензии во Буџетот за 2025 година

За исплата на пензиите во тековната година, во Буџетот се предвидени 1,715 милијарди евра. Според премиерот Христијан Мицкоски, ова покачување има за цел да ја намали разликата во примањата меѓу најбогатите и најсиромашните граѓани.

Тој нагласи дека Владата останува на политиката на рамниот данок и не ги прифатила предлозите на Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд за зголемување на старосната граница за пензионирање, зголемување на ДДВ и воведување променливи даночни стапки.

Повисоки плати и за здравствените работници

Освен пензионерите, зголемување на примањата добиваат и здравствените работници. Нивните мартовски плати ќе бидат повисоки за 15%, а до крајот на мандатот се планира нивно покачување за вкупно 40 до 50 проценти.

Овие мерки се дел од стратегијата за подобрување на стандардот на населението, со фокус на социјалните категории и здравствениот сектор.

Извор: Република