Пензионерите утре од цела Македонија повторно ќе протестираат во Скопје, но овој пат пред Собранието на Република Македонија. Истакнаа дека тие нема да отстапат од нивните барања, 5.000 денари линерано покачување за секој пензионер и минална пензија од 18.000 денари.
„Значи со 12.529 денари, според новото покачување, луѓето верувајте немаат ниту 2 недели да живеат, лековите не можат сите да ги купат, затоа што лековите се скапи бидејќи ни препишуваат лекови што не се на позитивна листа. Ние можеби имаме просечен живот околу 73 години и сега и тој живот, во тие 10 години што ни преостануваат после пензионирањето, тие не сакаат да ни биде достоен“, вели Верче Јанческа, пензионер.
Сметаат дека Владата со нивите антикризни мерки во кои се вклучени и пензионерите само сакала да ги поткупи пред избори, но тоа немало да се случи.
„Пензионерот никој не може да го купи затоа што тој е болен, гладен и на пензионерот не му се платени сметките и данокот. Најверните гласачи на пратениците, односно најприсутните во Македонија се пензионерите. Затоа младите заминаа. Тие нема да дојдат да гласаат, ако пензионерите не излезат да гласаат нема да има цензус“, додаде Јанческа.