Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, преку објава на Фејсбук информираше дека по две децении започнува изградба на пешачка патека и темелно чистење на коритото на реката Серава. Како што посочи, станува збор за еден од најзначајните и најбараните зафати за жителите на Бутел.

Почеток на долгочекуван зафат – чистење на користото на Серава

Ѓорѓиевски соопшти дека заедно со градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски, го означиле почетокот на проектот што опфаќа темелно чистење и уредување на коритото на реката Серава, проследено со изградба на нова пешачка патека. Според него, она што со години било само празно ветување, сега станува реалност.

Пешачка патека, осветлување и урбана опрема

Новата пешачка патека ќе се протега во должина од 1.590 метри и ќе овозможи уреден и безбеден простор за прошетка, рекреација и дружење. Долж патеката ќе биде поставено современо ЛЕД-осветлување, нови клупи и урбана опрема, а целиот простор дополнително ќе биде разубавен со ново зеленило.

Предвидени и нови детски игралишта

Во рамки на проектот ќе бидат изградени и нови детски игралишта, со цел најмладите да добијат простор за игра, а семејствата место за заеднички активности. Ѓорѓиевски наведува дека со вакви проекти, чекор по чекор, се менува ликот на Општина Бутел и се разубавува Скопје, со порака дека граѓаните заслужуваат дела, а не празни зборови.