Нема да дозволам провокации да им наштетат на односите со Македонија, изјави премиерот на Бугарија Кирил Петков за медиуми во Народното собрание каде во тек е расправа за второто читање на буџетот.
Како што јави дописникот на МИА, тој изјавата ја даде запрашан за фотографиите на кои тој е со американскиот државен секретар Ентони Блинкен, а на која недостига премиерот Димитар Ковачевски. Според Петков, на голем дел од фотографиите од конференцијата во Минхен на која тој учествувал, е заедно со по неколку лидери од различни земји.
-Сите се обидуваат – и во Софија и во Скопје, со некои глупости да го попречат тонот на дијалог. Нема да ги дозволам овие провокации. Затоа, во мојата следна објава на Фејсбук многу јасно кажав дека кој на која слика е, не е важно за нашата заедничка стратегија, вели бугарскиот премиер Петков.
Тој потврди дека долгорочна заедничка стратегија е Северна Македонија да влезе во Европската унија.
Петков рече и дека му е драго што се сретнал со Бугарите во Република Македонија. Нивните права, нагласува тој, се приоритет за бугарската влада. Според него, целта е да се заштитат нивните права и да нема говор на омраза, а притоа да не се дозволи Република Северна Македонија „да испадне од шансите за влез во ЕУ“.