Поранешната министерка за одбрана и претседавачка на Централниот одбор на СДСМ, Славјанка Петровска, порача дека нејзиното учество во иницијативата „Разговори за Македонија во 12.05“ не е насочено против СДСМ. Како што напиша на Фејсбук, таа во иницијативата учествува затоа што е социјалдемократ „и по убедување и по дејствување“.
Петровска во објавата наведува дека добила многу телефонски повици со поддршка, прашања, но и критики за нејзиното учество во „Разговори за Македонија во 12.05“.
Таа потсетува дека е членка на СДСМ од 2000 година и дека повеќе од две децении активно учествувала во партиските активности, изборните кампањи и политичките процеси.
Петровска истакнува дека останала во партијата и во периодите кога СДСМ бележел изборни порази, како и во, како што наведува, најтешките моменти за партијата.
Во објавата таа посочува дека била дел од протестите, политичките активности во периодот на објавувањето на „Вистината за Македонија“, како и од настаните поврзани со промените по 2017 година.
Петровска наведува дека своите државни функции, дополнителен заменик-министер за внатрешни работи, пратеничка и министерка за одбрана, ги прифатила во период кога партијата се соочувала со сериозни политички предизвици.
Осврнувајќи се на внатрепартиските случувања, Петровска потсетува дека во 2024 година се кандидирала за претседател на СДСМ со програмата „Манифест за социјалдемократијата“.
Сепак, како што наведува, ја повлекла кандидатурата поради кршење на принципите и правилата во изборниот процес. Таа изборите за лидер ги оценила како непринципиелни и нестатутарни.
Петровска додава дека во изминатиот период предложила ветинг на пратениците и на партиското раководство, како и измени на Статутот со кои поголема моќ на одлучување би добило членството.
Според неа, за тие предлози немало одговор.
