Пратеникот Бране Петрушевски, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во гостување во емисијата „Топ тема“ на Телма телевизија се осврна на одредената мерка куќен притвор за Артан Груби, и нагласи дека не станува збор за преземено судство или пак договор, како што инсинуира опозициската партија СДС, туку дека истата мерка е одлука на обвинителството.
„Јас го разбирам и револтот на јавноста и ова коешто се говори по однос на изнесената мерка куќен притвор за Артан Груби. Меѓутоа таа мерка не ја носи Владата, ја носи Јавното обвинителство, по предлог на Јавното обвинителство ја носи судската власт. Со член 98 од Уставот, судската власт е независна“, дециден е Петрушевски.
Тој додаде дека обвинителтвото е со два посто доверба за кое СДС се бореше да не биде сменето, притоа посочи дека за претходното седумгодишно владеење на СДС граѓаните им станало нормално да гледаат како министри нарачуваат обвиненија, за разлика од денес кога Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава против Артан Груби, Перпарим Бајрами, а во истата кривична пријава е и поранешниот премиер и претседател на СДС, Ковачевски, потенцирајќи дека можеби оттука им е и стравот и паниката на СДС.
„Јас разбирам дека граѓаните веќе им станало нормално после претходното седумгодишно владеење на СДС да се шетаат министри во канцелариите на јавните обвинители, да нарачуваат обвиненија. Така што ова е истото тоа судство и обвинителство коешто има 2 проценти рејтинг против коешто јас секојдневно држам прес-конференции, коешто е под контрола на СДС и ДУИ и нивните луѓе коишто ги носеа. Кога ние излеговме и баравме комплетна смена на судскиот и обвинителскиот совет да ги разрешиме затоа што го доведоа судството до два проценти за да можеме да го ставиме на здрави нозе, токму СДС беше политичката партија којашто беше против тоа“, заклучува Петрушевски.
