Бране Петрушевски, пратеник на денешната собраниска седница укажа дека уште еднаш СДС, ДУИ, како и Алијанса за Албанците покажаа дека гласот на македонскиот, албанскиот и останатите граѓани на Р. Македонија не вреди ништо и дека за нив се е пари, моќ, влијание и криминал.
-Јас ќе ја поздравам одлуката на Алијансата за Албанците да се приклучи кон оваа влада затоа што се разобличи и покажа дека таму и е местото. Покажа дека цената да се аминуваат криминалците на ДУИ кои што тие изминативе години ги критикуваа се три министерски позиции и затоа таму и местото, затоа што цената на животите и тоа корумпирано судство кое што тие го критикуваа и против кое протестираа е 2-3 заменички позиции, затоа што цената очигледно на Алијансата за Албанците е 10-тина луѓе да добијат позиции за наредниве 10-тина месеци, а интересот на албанскиот гласач за нив е на последно место. Затоа што и на овие од СДС и ДУИ гласот на македонскиот, албанскиот и останатите граѓани на Р. Македонија не вреди ништо, за нив се е пари, моќ, влијание и криминал, рече Петрушевски.
Пратеникот во текот на своето излагање посочи дека оваа влада без разлика дали е реконструирана или нереконструирана за некој месец или за некоја година заминува во негативната страна на македонската историја.
-Премиере и на вас и на мене и на народот едно му е кристално јасно, и вие и комплет вашата влада, реконструирана или нереконструирана, за некој месец или за некоја година заминувате во негативната страна на македонската историја. За жал штетите кои што ги направивте се во најголем дел непоправливи, а со тоа што точката на дневен ред на разрешување на министерот Беким Сали, вие воопшто ниту за Беким Сали, ниту за останатите министри од Алтернатива не дадовте образложение зошто ги разрешувате. Не дадовте образложение дали сте задоволни од нивната работа или сте незадоволни и во кој сегмент сте задоволни, а во кој сегмент сте незадоволни, кажа тој.
Петрушевски исто така го потсети Ковачевски дека тој лично го замолил да ги прими од Асоцијацијата за цистична фиброза, но иако Ковачевски ветил, не го исполнил своето ветување.
-Премиере ве гледав во очи и се надевам дека ќе се сетите и барем оној Ковачевски кој што јас го познавам како мој сограѓанин до пред некоја година, ова ќе го потврди, за овој Ковачевски не сум сигурен. Уште на 25.11 минатата година јас лично ве замолив пред се како мој сограѓанин, а потоа и како премиер да ги примите луѓето од Асоцијацијата за цистична фиброза. Тогаш ниту луѓето не протестираа, тогаш ниту се случи немилиот настан. Вие ми ветивте дека ќе ги примите, но ги примивте доцна откако изгубивме човечки живот, додаде Петрушевски.