Вчера ја известивме јавноста за сериозните сомнежи кои ги имаме дека ОТА – Агенцијата која е надлежна да спроведува следење на комуникациите, набавила средства, со кои може незаконски да ги следи комуникациите на сите граѓани на Македонија, рече на денешната прес-конференција пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски.
-Под власта на СДС загрозени се елементарните човекови права. Постојат сомнежи дека може да будат вршени злоупотреби на следењето на комуникациите. Приватноста на граѓаните е загрозена. Доведена е во прашање кредибилноста на институцијата. Затоа Собранието кое е надлежно за надзор, поточно Комисијата за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите, заседаваше и на својата 15-та седница, одржана во пет продолженија, разгледувајќи Информација за работењето на Оперативно техничката – агенција утврдивме сомнение дека ОТА го прекршила членот 2 од Законот за следење на комуникациите, односно дека извршила незаконска набавка на средства кои може да бидат злоупотребени, а набавката е без соодветно Одобрение предвидено во ставот 2 на овој член. Комисијата едногласно со поддршка од сите пратеници, без разлика на политичката партија, донесе заклучок за оваа сомневање да го известиме Јавниот обвинител на Република Македонија. И истиот го известивме. Очекуваме ЈО да постапи согласно закон. А земајќи го во предвид случајот, и штета која што може да настане доколку не се интервенира навремено, апелираме што побргу да биде отворена истрага. Интервенцијата треба да биде експресна имајќи го во предвид моментот во кој е настанат проблемот, кој се поклопува со периодот кога власта се обидува да турка уставни измени за кои нема поддршка. Институциите не смеат да бидат злоупотребени, и ги опоменуваме сите чинители, да се држат до законите, бидејќи избегнување на одговорност нема да има за никого, истакна Петрушевски.
Ги повикуваме МВР и Спасовски да кажат дали е точно дека ОТА добиле одобрение за оваа набавка или и тие, независно од Комисијата ги утврдиле истите недоумици, додаде Петрушевски.