По вербална расправија во семејниот дом следел напад со остар предмет

Триесетгодишна жена од Кавадарци е приведена утрово откако, по вербална расправија во семејниот дом, со остар предмет му нанела повреди на својот сопруг, информираат од СВР Велес.

Инцидентот се случил околу 6:30 часот, кога по нарушени семејни односи и расправија, жената наводно го нападнала 43-годишниот сопруг. Полициски службеници од ОВР Кавадарци веднаш интервенирале по пријавата и ја лишиле од слобода осомничената.

Од полицијата соопштуваат дека остриот предмет со кој бил извршен нападот е пронајден и одземен. При извршената алкотест контрола кај жената биле измерени 2,61 промили алкохол во крвта.

Повредениот маж бил згрижен, а состојбата му е предмет на понатамошна медицинска проценка. Осомничената е задржана во полициска станица, а за настанот е известен надлежен јавен обвинител.

По целосно документирање на случајот, против жената ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.