Општина Делчево објави јавен повик за пријавување учесници на традиционалната манифестација „Пијанечки денови на сливата 2026“. Настанот ќе се одржи на 3 ноември во село Град, со официјален почеток во 11 часот.
Манифестацијата се организира во рамки на Програмата за култура на Општина Делчево за 2026 година. Нејзината главна цел е промоција на сливата и преработките од ова овошје, кои претставуваат едни од најзначајните традиционални земјоделски обележја на Пијанечкиот регион, како и презентација на автентичната локална храна и ракотворбите.
Главниот настан предвидува натпреварувачки дел во печење ракија под мотото „Мојата сливова ракија е највесела“, како и подготовка и презентација на домашен мармалад, слатко и компот од сливи. Програмата опфаќа и правење традиционални бели пецива збогатени со сливи, заедно со уредување на тематски штандови за рачни изработки.
Натпреварувачкиот карактер ќе биде фокусиран на подготовката на ракијата, мармаладот, слаткото и естетското уредување на просторот, додека сите останати содржини ќе се одвиваат ревијално. За најуспешните учесници локалната самоуправа обезбеди финансиски награди. Во категоријата за највесела ракија предвидени се 8.000 денари за првото и 6.000 денари за второто место, додека награда од по 3.000 денари ќе добијат мајсторите на најслаткиот мармалад или слатко и сопственикот на најубаво декорираниот штанд.
Општина Делчево ќе им стави на располагање на изложувачите соодветни тезги за промоција и продажба, како и основни потрошни материјали кои вклучуваат огревно дрво, шеќер, брашно и промотивни материјали. Право на учество имаат сите индивидуални земјоделци, физички и правни субјекти, кои можат да се пријават најдоцна до 29 октомври 2026 година во општинската архива.
Пријавниот формулар е достапен на веб-страницата на локалната самоуправа или непосредно во просториите на општината. Лице за контакт за сите дополнителни прашања е Ванчо Новоселски на телефонскиот број 070 309 630 или електронски преку v.novoselski@yahoo.com. Преку ваквите иницијативи во селските средини, општината се стреми кон засилен развој на руралниот туризам, уредување на селата и ставање во функција на локалните сместувачки капацитети.
