Меланија Цветковска од Куманово го вклучи алармот и на социјалните мрежи раскажа татко и е алкохоличар, дека има дијагностицирани растројства, се заканува по животот на трите жени во куќата, а дека ниту со „врски“ не успеваат да го згрижат во институција.
Не се јавува Демир Хисар, не се јавува Бардовци. Задржан е привремено во болницата во Куманово, од каде наскоро ќе го пуштат.
„Јас не знам во кој век живееме, меѓутоа овоа лудило и оваа агонија мора да престане. Имам брат со церебрална парализа којшто живее со нас и сите овие трауми ги има преживеано“,вели во еден момент младата жена.
Исповедта на девојката од Куманово е од вчера, а денеска настанот стана вест број еден во домашните медиуми. Откако таа јавно побара помош, тврдејќи дека со години живее во страв од семејно насилство и дека институциите не реагираат, Министерството за внатрешни работи соопшти дека веќе постапува по случајот и дека лицето е спроведено во Психијатриската болница во Демир Хисар.
„Ве информираме дека Секторот за внатрешни работи Куманово е запознаен со случајот и интензивно се работи на негово расчистување. По консултација со Основното јавно обвинителство и други надлежни институции ќе бидат преземени конкретни мерки против П.Ц. од Куманово. Лицето се спроведува во Психијатриската болница Демир Хисар, а по претходно добиено решение од Основниот суд Куманово“, соопштија од МВР без да кажат колку долго може и ќе биде хоспитализиран во установата.
Таа тврдеше дека татко ѝ претходно бил хоспитализиран во Психијатриската болница во Скопје во 2019 година и во Психијатриската болница „Бардовци“, но дека во повеќе наврати семејството не успевало да обезбеди негов повторен прием. Во своето обраќање Цветковска порача дека не бара сожалување, туку помош од институциите, предупредувајќи дека стравува да не дојде до трагедија.
