Онлајн настава и дополнителни анализи на воздухот и водата
Четири лица завршија на Клиниката за токсикологија по големиот пожар во магацинот за рециклирање отпад во скопско Трубарево. Три од нив, припадник на Армијата, полицаец и директорот на Центарот за управување со кризи веќе се пуштени на домашно лекување, додека една жителка на Трубарево сè уште е задржана во болница.
Министерот за здравство Азир Алиу денеска соопшти дека пациентката има коморбидитети, се спроведуваат дополнителни анализи и прима соодветен третман, а надежите се наскоро и таа да биде пуштена дома.
По пожарот, Министерството за здравство формираше кризен штаб и изготви посебни протоколи, при што остануваат на сила претходно дадените препораки од Институтот за јавно здравје. Алиу најави дека Владата денеска попладне ќе одлучува учениците од училиштата во непосредна близина на локацијата да следат настава онлајн во текот на една недела.
Директорката на ИЈЗ, Марија Андоновска, рече дека првичните мерења не покажуваат отстапки на параметрите за радијација во воздухот. Таа информираше дека ќе се извршат дополнителни анализи на почвата и водата во погодените подрачја.
Андоновска апелираше граѓаните да ги следат препораките на институциите, посочувајќи дека тие се усогласени со светските стандарди и особено важни за ранливите категории – лица со хронични заболувања, коморбидитети, бремени жени и деца.
„Според нашите анализи и сознанија, во моментов нема отстапувања од минимумот на параметрите за радиоактивност во воздухот“, додаде директорката на ИЈЗ.