„Лукоил“ ќе продаде од своите акции на американска компанија

Лукоил објави дека ќе ги продаде своите странски имоти на американската инвестициска група Карлајл, неколку месеци по воведувањето санкции од страна на САД против втората по големина руска нафтена компанија, заедно со Роснефт. Санкциите создадоа дополнителен притисок врз компаниите што соработуваат со овие енергетски гиганти, кои ризикуваа секундарни мерки и исклучување од американскиот финансиски и трговски систем.

Договор со „Карлајл“ и услови за реализација

Од „Лукоил“ соопштија дека е потпишан договор со американската инвестициска компанија „Карлајл“ за продажба на меѓународните средства, без притоа да се обелодени вредноста на трансакцијата. Во соопштението се наведува дека продажбата не ги опфаќа средствата во Казахстан и дека договорот сè уште чека одобрение од Министерство за финансии на САД. Компанијата додава дека паралелно продолжуваат разговорите и со други потенцијални инвеститори.

Рокови и обем на странските инвестиции

Американската влада првично ѝ одреди на компанијата рок од еден месец за отуѓување на странските средства, но подоцна одобри продолжување на рокот поради одолговлекување на преговорите. Странските инвестиции на „Лукоил“ опфаќаат удели во нафтени полиња и рафинерии во повеќе држави, меѓу кои Ирак, Азербејџан, Египет, Обединетите Арапски Емирати, Нигерија, Мексико, Романија и Бугарија.