По пауза од шест месеци, утре во Грција се отвораат угостителските објекти. Според правилата, може да работат само терасите и градините, но без музика, и со ограничено работно време до 22;45 часот, јави МИА од Атина.
Со отворањето на кафулињата, рестораните и таверните, дополнително се скратува полицискиот час, па од утре ќе биде од 23, наместо како досега од 22 часот.
Угостителските објекти ќе работат под строги протоколи, во надворешниот дел, дозволено е најмногу шест лица на една маса, а масите треба да бидат на растојание од еден до 2 метра, во зависност од поставеноста на столчињата и забрането е стоење.
Маската е задолжителна за персоналот, а постои силна препорака да ја користат и посетителите.
За вработените задолжително е и самотестирање, односно тест за домашна употреба два пати неделно, а трошоците за еден од тестовите ќе ги покрива државата.
Во Атина, постојат кафулиња кои одлучија да го одложат отворањето, бидејќи не се согласуваат да работат без музика. Сопствениците коментираат дека за нив, важно е што ќе отворат, но велат дека она што е најважно е повторно да не бидат затворени.
Од почетокот на пандемијата, во изминатите 15 месеци, угостителите во Грција беа затворени вкупно осум месеци, два за време на првиот и шест за време на вториот карантин.
Отворањето на угостителските објекти, не значи и крај на карантинот во земјата, воведен на 7 ноември 2020 година, со оглед на тоа дека и за одење на кафе/пијалак или во ресторан, граѓаните ќе треба да испратат смс порака, нешто што е веќе секојдневие во Грција во изминатите шест месеци.
Во рамките на владиниот план за постепено олабавување на мерките, по угостителските објекти, од следниот понеделник на 10 мај во училишните клупи се враќаат сите ученици, додека пак за 15 мај е закажан официјалниот почеток на туристичката сезона.
Заедно со туризмот, ќе се отворат и организираните плажи, по над шест месеци ќе се укине испраќањето смс пораки за движење на граѓаните и ќе биде дозволено патување меѓу региони.