Цените на нафтата забележаа пад на почетокот на неделното тргување, продолжувајќи го повлекувањето од двомесечниот максимум достигнат минатата седмица, откако втор ден по ред немаше нови воени напади меѓу САД и Иран во регионот на Персискиот Залив.

Фјучерсите на суровата нафта Брент за септемвриска испорака се намалија за 4,9 проценти, достигнувајќи 92,02 долари за барел, по падот од 3,9 проценти во петокот. Минатата недела Брент накратко ја надмина границата од 102 долари за барел, што беше највисоко ниво од мај.

Во изминатите недели цените силно растеа поради стравувањата дека ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток би можела да го наруши глобалното снабдување со сурова нафта.

Посебна загриженост на пазарите предизвикува состојбата во Ормускиот Теснец, преку кој минува околу една петтина од светскиот извоз на нафта. Поради безбедносните ризици, бродскиот сообраќај низ овој стратешки поморски премин е значително намален.

Во меѓувреме, американската референтна сурова нафта WTI за септемвриска испорака поевтини за 5,6 проценти и се тргуваше по цена од 84,34 долари за барел.

И покрај најновиот пад, аналитичарите предупредуваат дека неизвесноста на нафтените пазари останува висока.